Одржана конференција на тема „Реформа на системот за државно финансирање на граѓанските организации“

На 22.5.2019 година, во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), се одржа конференција на тема „Реформа на системот за државно финансирање на граѓанските организации“. На конференцијата се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, кој ја потврди политичката волја за подобрување на моделот на државно финансирање. Тој истакна дека Владата веќе презема чекори и по дискусиите со граѓанските организации  се очекува моделот да се финализира во септември оваа година.

На конференцијата се обрати и министерката за правда, Рената Дескоска, која се осврна на улогата на Министерството како одговорната институција за спроведување на Законот за здруженија и фондации и ја потврди отвореноста на Владата за соработка.

Одржана 12. седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор

На 12. седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, што се одржа на 22.5.2019 година, Советот ги разгледа Нацрт-упатството за регистрација на проекти во Централната база на податоци за странска помош (ЦДАД), подготвено од Секретаријатот за европски прашања и кварталниот извештај за спроведување на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор 2018-2020, во периодот јануари – март 2019 година.

Во врска со барањето на Секретаријатот за европски прашања за номинирање на седум претставници од граѓанскиот сектор во ИПА мониторинг комитетот за следење на напредокот на спроведувањето на ИПА 2014-2020 и барањето на Министерството за труд и социјална политика за номинирање на шест претставници од граѓанскиот сектор како членови и заменици членови во Секторскиот мониторинг комитет на годишната Акциска програма 2017, Акција 4: Поддршка на ЕУ за вработување, образование и социјална политика, Советот го задолжи Одделението за соработка со невладини организации да објави Јавен повик на веб страницата www.nvosorabotka.gov.mk за пријавување на заинтересираните организации и кандидати.

Одделението за соработка со невладини организации учествуваше на работилница на Експертската работна група при Меѓуресорското тело за човекови права

Во рамките на Проектот за поддршка на Канцеларијата на ОН на програмата за работа на Експертската работна група при Меѓуресорското  тело за човекови права за периодот 2018-2019, а со цел подобрување на процедурите за комуникација со граѓанскиот сектор, на 9 и 10 мај 2019 година во Маврово се одржа работилница на Експертската работна група при Меѓуресорското  тело за човекови права. На работилницата се дискутираа добрите практики и модалитети на Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на ОН во однос на соработката со граѓанскиот сектор, модалитетите за транспарентност и ефективни консултации со Меѓуресорското  тело за човекови права  и граѓанските организации, како и за подобрување на процесот на соработка помеѓу нив.

Одржани координативни состаноци со членовите на Мрежата на државни службеници за соработка со граѓанскиот сектор

Во текот на април 2019 година Одделението за соработка со невладини организации одржа координативни состаноци со членовите на Мрежата на државни службеници за соработка со граѓанскиот сектор од Министерството за култура, Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање и Агенцијата за млади и спорт.

Состаноците беа организирани со цел поддршка на надлежните институции за подготовка и доставување на податоци до Генералниот секретаријат, согласно заклучоците на Владата на Република Северна Македонија од седницата одржана на 16.4.2019 година, по Информацијата за финансиска поддршка на здруженија и фондации од Буџетот на Република Северна Македонија во 2018 година и планирани средства во 2019 година.

Pages

Subscribe to Одделението за соработка со невладините организации RSS