Извештај за спроведените мерки и активности од Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (2018 – 2020), во 2018 година

Владата на Република Северна Македонија на 128-та седница, одржана на 1.4.2019 година го разгледа Извештајот за спроведените мерки и активности од Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (2018 – 2020), во 2018 година. 

Од вкупно предвидени 85 активности во Акцискиот план за спроведување на Стратегијата, 32 се со рок на реализација во 2018 година, а од нив 50% се реализирани, 40,6% се во тек, а 9,4% доцнат со реализација. Дополнително, до крајот на 2018 година реализирани се 6 активности чиј рок на реализација е предвиден за 2019 година.

Клучни достигнувања во 2018 година се: воспоставувањето на независен и ефективен Совет за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (во 2018 година Советот одржа 8 седници); избор на модел за даночен третман на граѓанските организации (донесен е Закон за изменување и дополнување на Законот за добивка); Владата воведе „Отворени денови за иницијативи на граѓанските организации“ (во 2018 година се одржаа три од серијата отворени денови на тема: Практики на соработка помеѓу Владата и граѓанските организации – како да се подобриме? (8.6.2018), Борба против корупција (6.7.2018) и Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам (24.12.2018); се овозможи активно вклучување на граѓанските организации во градење на концептот „Едно општество за сите“, преку јавен повик за учество во работните групи за изготвување на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам; препознавање на спецификите на граѓанските организации како работодавач (се овозможи граѓанските организации да користат дел од мерките за вработување од оперативните планови за програми и мерки за вработување, а со Предлогот на Закон за практиканство, утврден од Владата на 11.12.2018 година, се овозможува граѓанските организации да ангажираат практиканти); Предлогот на Закон за социјалната заштита (утврден од Владата на 20.12.2018 година), содржи одредби за социјално договарање, со што ќе се поттикне развојот на социјалните претпријатија во делот на обезбедување на социјални услуги, а Министерството за труд и социјална политика подготви предлог-методологија за утврдување на цените на социјалните услуги, како дел од реформата на целокупниот систем на лиценцирање на давателите на социјални услуги.

Активности планирани во 2018 година, а чија реализација доцни се поврзани со измените на Законот за здруженија и фондации и Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, чиј носител е Министерството за правда.

Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, на седницата одржана на 7.3.2019 година, го разгледа и утврди позитивно мислење по Извештајот, но истовремено препорача органите на државната управа во 2019 година навреме да ги планираат и да ги реализираат активностите од Акцискиот план, согласно утврдените рокови и со консултации и вклучување на граѓанските организации.

 

Извештај за спроведените мерки и активности од Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор  (2018 – 2020), во 2018 година

Табеларен дел на извештајот за спроведените мерки и активности од Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор  (2018 – 2020), во 2018 година

Macedonian