Одржан шестиот од серијата Отворени денови за иницијативи на граѓански организации на тема „Програмата за намалување на аерозагадувањето 2020“

На 18.9.2019 година, во Владата на Република Северна Македонија се одржа Отворен ден за консултации со граѓанскиот сектор за Програмите за намалување на аерозагадувањето, каде воведни обраќања имаа заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и Ана Чоловиќ-Лешоска од здружението „Еко-свест“.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули во своето обраќање се осврна на мерките предвидени во Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година и ги презентираше пристигнатите Предлог-мерки за вклучување во активностите предложени во Програмата за идната, 2020 година. Тој го најави и законското решение за замена на печките на дрва кај индивидуалните семејства со инвертери (обновлив извор според стандардите на ЕУ) коишто ќе бидат субвенционирани 100%. 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на средбата со граѓанскиот сектор презентираше неколку главни области во кои Градот има преземено конкретни чекори кои покажале резултати, а тоа е основањето на АД Градски енергетски системи, којшто е најголемиот чекор напред за долгорочно решавање на проблемот, имајќи предвид дека голем процент од аерозагадувањето доаѓа од затоплувањето на домаќинствата. Тој истакна дека во делот на активностите за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух се и засилувањето на инспекцискиот надзор на сите потенцијални фактори на загадување, за што, како што подвлече Шилегов, говорат и двојно зголемување на казните и опомените.

Ана Чоловиќ-Лешоска, од здружението „Еко-свест“ укажа дека според најновите анализи на граѓанската иницијатива над 60% од граѓаните сметаат дека еколошките проблеми треба да ги решаваат општините и исто толкав процент на граѓани сметаат дека медиумите недоволно пишуваат за проблемите со животната средина. Таа додаде дека според анализите најголем дел од граѓаните се информираат од телевизиите како медиум и укажа дека најдобро е кампањите да се водат на тој начин, бидејќи според наведената анкета дури 70% од граѓаните се информираат преку телевизиите.

Дел од присутните граѓански организации изложија иницијативи за имплементирање мерки за борба против аерозагадувањето, дел од мерките се однесуваа на предлози за идентификување на индустриски загадувачи со засилување на инспекции, а беа предложени и активности и мерки за енергетска ефикасност и конкретни мерки за борба против т.н. енергетска сиромаштија.

На денешниот Отворен ден за консултации и предлози за намалување на аерозагадувањето и предлози за Програмата за 2020 година беше заклучено дека покрај институциите, индустријата и останатите сектори потребно е и поактивно вклучување на секој граѓанин и посветување на подигнување на еколошката свест кај младите и граѓаните.

Повеќе информации за настанот можете да најдете на следниов линк.