Одржана 16. седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор

На 28 октомври 2019 година во Клубот на органите на управата, се одржа 16. седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор. 

Советот ги разгледа Барањата за престанок на членување во Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор поднесени од членовите Бесим Небиу и Марјан Николов и го констатираше нивниот престанок на членување во Советот. За таа цел објавен е Јавен повик за избор на двајца членови на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор од редот на граѓанските организации, во областите Економски и одржлив развој и Медиуми и информатичко општество, а за учество во работата на Одделението при подготовка на Извештајот за бројот на пријавени организации со кандидати, беа номинирани: Ирена Цветковиќ и Уранија Пировска. Советот ја разгледа и Листата за евиденција за присуство/отсуство на членовите на Советот, подготвена од страна на Одделението и одлучи дека согласно Одлуката за формирање на Совет за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, член 9 став 1 алинеја 2, поради отсуство од три седници на Советот во текот на една година, им престанува членувањето во Советот на членовите: Славјанка Петровска од Министерство за внатрешни работи; Хајрије Сопи од Министерство за култура и Дарко Каевски од Агенцијата за млади и спорт.

Советот повторно го разгледа Предлог-деловникот за дополнување на Деловникот за работа на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор и со 16 гласа за, од кои 9 гласа од редот на граѓанските организации го донесе во текстот подготвен од Одделението за соработка со невладини организации.

Членовите на Советот отворија широка дискусија по Предлог-приоритетите за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите од Буџетот на Владата на Република Северна Македонија за 2020 година, предложени од Одделението за соработка со невладини организации врз основа на Одлуката за утврдување на стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија за 2020 година и се формираше работна група која треба да предложи приоритети за финансиска поддршка на граѓанските организации, во сотав: Гордана Гапиќ- Димитровска; Лилјана Јоноски; Ана Чоловиќ-Лешоска; Зоран Илиевски и претставник од Одделението за соработка со невладини организации.

За претставници во имплементацијата на еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за потребите на домаќинствата  во општините Битола. Кичево, Тетово и Градот Скопје, а кои користат енергетски неефикасни уреди за греење во нивните домаќинства кои влијаат на зголемувањето на концентрацијата на PM10 и PM2.5, Советот ги номинираше : Марио Вељковиќ од Движење за околината Молика Битола,  Аријанит Џафери од Еко Герила Тетово и Билјана Дуковска од Македонска платформа против сиромаштија-МППС  Скопје.

Беше разгледано и едногласно прифатено Барањето за присуство на претставници од Одделението за соработка со невладини организации на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија на седниците на Советот.

Советот се информираше и за степенот на реализација на мерките и активностите предвидени во Акцискиот план за спроведување на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор 2018-2020, во периодот јули – септември 2019.

Расправите по Извештајот за следењето на работата на Комисијата за распределба на финансиски средства наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година; Барањето за номинирање на претставник од граѓанскиот сектор за член на Комитетот за управување со сливот на Охридското езеро и првиот нацрт на Компаративната анализа за моделите на финансиска поддршка на граѓанските организации во земјите од Западен Балкан и ЕУ, беа одложени за следната седница на Советот.