Одржана 17. седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор

На 25 ноември 2019 година во Клубот на органите на управата, се одржа 17. седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор. 

Советот го разгледа и усвои Извештајот од учеството на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор во работата на Комисијата за распределба на финансиски средства наменети за финансирање на програмските активности на граѓански здруженија и фондации од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година во својство на набљудувачи.

На седницата, Советот дискутираше по Извештајот од процесот на консултации за утврдување на приоритетни области за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година и препорача да се одржи уште еден состанок на работна група за утврдување предлог- приоритети за финансиска поддршка на граѓанските организации од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, методологија и критериуми за распределба на средства на кој ќе бидат земени во предвид забелешките од дискусијата.

Присутните експерти Тања Хафнер-Адеми и Виктор Митревски ги информираа членовите на Советот за првичните наоди од Нацрт-Анализата на финансиската поддршка на здруженијата и фондациите од Буџетот на  Република Северна Македонија (од 2017 год. до прва половина на 2019 год.) со Компаративна анализа на моделите за државно финансирање од другите земји и Предлог-модел на Фонд за институционална поддршка на граѓанските организации и ко-финансирање на ЕУ-проектите во РСМ и по дискусијата беше оценето дека истата претставува добра појдовна основа за понатамошни широки консултации со граѓанскиот сектор.

Согласно член 9 став 1 алинеја 2 од Одлуката за формирање на Совет за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, поради отсуство од три седници на Советот во текот на една година, Советот констатира дека им престанува членувањето во Советот на 2 членови од редот на органите на државната управа од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за здравство и 3 членови од редот на граѓанските организации и го задолжи Одделението за соработка со невладини организации да објави Јавен повик за избор на членови на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор од редот на граѓанските организации во областите: Наука, образование и доживотно учење, Заштита на маргинализираните лица и ЕУ интеграции и политики и да го повтори повикот за избор на член на Советот во областа Медиуми и информатичко општество, бидејќи нема пријавени кандидати на повикот објавен на 29.11.2019 година.

За член во Комитетот за управување со сливот на Охридското езеро Советот ја номинираше  Александра Бујароска од Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42.

Советот го разгледа првиот Нацрт-План за комуникација на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор и заклучи по спроведување консултативен процес со граѓанските организации, во јануари 2020 година, Предлог-Планот повторно да се разгледа на седница на Советот.

На седницата беше разгледан и Предлог-моделот за вклучување на граѓанските организации во пристапните преговори за членство во Европската Унија и беше утврдено ова прашање повторно да биде  актуелизирано во првата половина на 2020 година.

Macedonian