Консултативен процес со ГО за Анализа на финансиската поддршка на здруженијата и фондациите од Буџетот на Република Северна Македонија

Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, во име на Советот на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (Советот) отвора консултативен процес со граѓанските организации (ГО) по текстот на „Анализата на финансиската поддршка на здруженијата и фондациите од Буџетот на Република Северна Македонија (од 2017г. до првата половина на 2019г.) со компаративна анализа на моделите за државно финансирање од другите земји и предлог-модел на Фонд за институционална поддршка на граѓанските организации и ко-финансирање на ЕУ проектите во РСМ“ (Анализата).

Ги покануваме граѓанските организации да достават коментари и предлози за подобрување на Анализата, односно на заклучоците и генерални и специфични препораки во насока на подобрување и, воопшто, на воспоставување институционална поддршка и можност за кофинансирање на ЕУ-проектите спроведени од страна на ГО. Коментарите и предлозите од граѓанските организации ги очекуваме најдоцна до 10 јануари 2020г. (петок) на е-мејл адресата nvosorabotka@gs.gov.mk. Пристигнатите коментари и предлози ќе бидат поединечно разгледани од авторите на Анализата, како и од членовите на Советот, по што ќе биде подготвен извештај со осврт за нивната вклученост во Анализата.
Советот најавува дека на крајот на месец јануари 2020г. ќе следи јавен консултативен настан со граѓанските организации од државата, а на кој ќе бидат презентирани Анализата, но и извештајот со осврт на пристигнатите коментари и предлози, но и ќе бидат дискутирани дополнителни предлози и идеи од граѓанските организации.
Би сакале да ги информираме граѓанските организации дека основа за подготовка на Анализата беше донесениот заклучок од страна на Советот на единаесетта (тематска) седница, одржана на 19.03.2019 год., за подготовка на Анализата, а во насока на исполнување на стратегиската цел „Унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации“, утврдена во Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (2018-2020) и планот за спроведување на мерката 6: „Воспоставување транспарентен и доверлив модел за државно финансирање со воспоставување единствен фонд за институционален развој на граѓанските организации и за кофинансирање на ЕУ-проекти“.
Оваа Анализа се состои од четири глави. Глава 1 ги обработува правната рамка и податочните сетови кои се предмет на оваа анализа. Глава 2 се состои од наодите од анализата на податоците поврзани со државното финансирање на ГО во РСМ во периодот од 2017 до првата половина на 2019 година, при што се анализираат сите елементи на постојниот систем, во смисла на: висината на средствата во периодот и во одделни години, видот на поддршката, висината на поединечните грантови, како и процесот на нивното планирање, спроведување и набљудување. Глава 3 прави компаративна анализа на државното финансирање во пет земји (Естонија, Шкотска, Словенија, Хрватска и Србија), чиишто практики можат да бидат од корист за подобрување и реформирање на постојниот систем и пристап кон државното финансирање на ГО во РСМ. Во Глава 4 се дадени заклучоци и генерални и специфични препораки во насока на подобрување и, воопшто, на воспоставување институционална поддршка и можност за кофинансирање на ЕУ-проектите спроведени од страна на ГО, како две од клучните мерки во Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (2018-2020).
Анализата се заснова на податоците доставени од органите на државната управа, кои постапуваат по одлука на Владата на РСМ донесена на 130-тата седница. Исто така, оваа Анализа за првпат овозможува увид во финансирањето на ГО од 40 општини, за кои информираше Министерството за локална самоуправа. Дополнително, за да се добие поширока слика се анализираа и трансферите до граѓанските организации преку Трезорот на Министерството за финансии. Анализата на податоците се фокусира на анализа на примарните податоци, централниот буџет и прегледот на претходните анализи на државното финансирање на здруженијата и фондациите (ЗФ), спроведени од страна на органите на државна управа, пред сè, Генералниот секретаријат на Владата и од експерти. Периодот на опфат на анализата, согласно доставените извештаи, е од 2017 година до првата половина на 2019 година.
Финансиска и експертска поддршка за подготовка на Анализата обезбеди Фондацијата Отворено општество - Македонија. Автори на Анализата се: М-р Тања Хафнер Адеми, М-р Виктор Митевски, М-р Виктор Стојкоски и М-р Горан Мојаноски. 

 

Анализа на финансиската поддршка на здруженијата и фондациите од Буџетот на Република Северна Македонија (2017-2019)

Macedonian