Одржан Национален форум за волонтерство

Претставници на Одделението за соработка со невладини организации учествуваа на Националниот форум за волонтерство, што се одржа на 26 декември 2019 година во Скопје, како дел од активностите на Младински културен центар – Битола, во рамките на регионалниот проект „Пат Западен Балкан 6“  (ROUTE WB6) чиј носител е централната канцеларија на РИКО (RYCO) од Тирана, Република Албанија, а е поддржан со фондови на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Целта на форумот беше преглед и дискусија за состојбите со законската регулатива за волонтерство во државата, како и дискусија и насоки за потребата од подготовка на нова Национална стратегија за промоција и развој на волонтерството 2020 -2025.

Настанот го отвори модераторот Златко Талевски од Младински културен центар Битола, со воведна панел дискусија за состојбата со волонтерството во Република Северна Македонија – анализа на постигнувањата, предизвици и бариери за волонтирањето и примери на добри практики. На панелот се обратија и  Ѓорѓи Тасев - советник за млади и спорт на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Мирјанка Алексевска – раководител на сектор во Министерството за труд и социјална политика,  Никица Кусиникова – Здружение Конект и  Зоран Илиески – Коалиција СЕГА.

На Форумот учествуваа претставници од граѓански организации кои работат на полето на промоција и развој на волонтерството, претставници на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за труд и социјална политика и други јавни институции, кои имаа можност, во вториот дел од настанот да работат во две групи: 1. Законска регулатива за волонтерството – предизвици, предлози за измени и дополнувања и  2. Национална стратегија за волонтерство 2020- 2025 и улогата на Националниот совет за промоција и развој на волонтерството.