Одржан Регионален форум за добро владеење и борба против корупцијата
Primary tabs
Претставници на Одделението за соработка со невладини организации учествуваа на Форумот за јавни политики на тема: 30 години добро управување и антикорупциски реформи во Централна и Источна Европа, организиран од Регионалната мрежа за развој и интегритет на Југоисточна Европа (СЕЛДИ) и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
На Форумот се обрати претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакнувајќи ја потребата од системско справување со корупцијата и воспоставување нов вредносен систем, за што предуслов е јасно изразената волја на релевантните политички фактори во државата. Тој додаде дека неопходните реформи во сферата на владеењето на правото и правната држава не треба да ги правиме за да ги задоволиме критериумите за членство во ЕУ, туку за да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите и во сопствената држава.
На настанот учествуваа над 100 претставници од граѓански организации и државни институции од Северна Македонија и земјите од регионот, а поддршка на граѓанскиот сектор во борбата против корупцијата даде и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска. Експертите од СЕЛДИ го презентираа Извештајот за процена на корупцијата во Северна Македонија, каде се анализирани податоците од анкетата спроведена во февруари 2019 година. Според Извештајот, 29,4% од граѓаните биле изложени на коруптивен притисок, но само 92 лица биле осудени за злоупотреба на службена должност или поткуп во 2018 година.Дискусијата за реформите во правосудството потврди дека промените на ова поле се случуваат динамично во сите земји на Балканот, а како најважна кај нас останува донесувањето на нов Закон за јавно обвинителство. Претставниците на антикорупциските тела од регионот ги споделија нивните досегашни искуства од работата и ги претставија наредните предизвици. Форумот послужи да се отворат прашањата на продолжување со проширувањето на ЕУ, со истовремено исполнување на реформите за добро владеење во Западен Балкан.
Повеќе информации за настанот се достапни на следниот линк.