Informacion për mbështetjen financiare të shoqatave dhe fondacioneve në vitin 2018 dhe fondet e planifikuara për vitin 2019
Primary tabs
Владата на Република Северна Македонија на 130. седница, одржана на 16.4.2019 година ја усвои Информацијата за финансиска поддршка на здруженија и фондации од Буџетот на Република Северна Македонија во 2018 година и планирани средства во 2019 година.
Во 2018 година, девет органи на државната управа (Министерство за одбрана, Министерство за економија, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за култура, Министерство за животна средина и просторно планирање, Агенција за млади и спорт и Фонд за иновации и технолошки развој), доделиле вкупно 428.903.454,00 денари финансиска поддршка на 888 здруженија и фондации, од кои 389.990.426,00 денари (91%) се доделени по пат на јавен оглас на 853 здруженија и фондации, а 37.857.781,00 денари (9%) се доделени во постапка без јавен оглас на 35 здруженија и фондации.
Владата ги задолжи органите на државната управа до Генералниот секретаријат да достават податоци за правниот основ за доделување на средства на здруженија и фондации во 2017 и 2018 година (со и без јавен оглас) и планирани средства во 2019 година; спроведени консултации со граѓански организации при утврдување на приоритетите за финансирање; начинот на објавување на огласите за финансиска поддршка, критериумите и постапката за избор; составот на комисиите за евалуација на предлог-проектите и учество на претставници на граѓански организации во нив и начинот на објавување на одлуките за распределба на средствата; начинот на спроведување на мониторингот на имплементацијата на одобрените проекти и доделената финансиска поддршка. Истовремено, Владата го задолжи Министерството за локална самоуправа да подготви Информација за финансиска поддршка на здруженија и фондации од буџетите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во 2017 и 2018 година и планирани средства во 2019 година.
По обезбедување на овие податоци, Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот секретаријат на Владата, во соработка со Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, во септември 2019 година, ќе подготви анализа, која ќе содржи преглед на направените трансфери до здруженијата и фондациите за 2017 и 2018 година и планираните за 2019 година, компаративните искуства за државното финансирање во државите од регионот и предлог за воспоставување транспарентен и доверлив модел за државно финансирање со воспоставување единствен фонд за институционален развој на граѓанските организации и за кофинансирање на ЕУ проекти, согласно мерката 6 од Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор 2018-2020.
Информација за финансиска поддршка на здруженија и фондации во 2018 година и планирани средства во 2019 година