Одржана Втората седница на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество

На 8.5.2025 година, Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество ја одржа Втората седница со која претседаваше претседателката на Советот, Никица Кусиникова. Врз основа на пристигнатите пријави по Јавниот повик за избор на претставници на здруженија и фондации во советодавни и работни тела на Владата и органите на државна управа, објавен на 14.4.2025 година, Советот номинираше претставници на граѓанските организации во Националниот совет за развој, Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, Секторската работна група за локален и регионален развој и Управниот одбор на проектот „Поддршка на системот за обезбедување на квалитет на социјалните услуги“. Советот се информираше и го поддржа нацрт-текстот на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество, со Акциски план 2025-2028, препорача да се спроведе консултативен процес преку порталот ЕНЕР и јавни расправи со граѓанските организации, а потоа Предлог-Стратегијата повторно да се разгледа на седница на Советот во втората половина на јуни оваа година. На седницата се дискутираше и за известувањето на Мрежата за заштита од дискриминација за институционален притисок и загрозување на безбедноста на граѓанскиот сектор, иницијативата на ХЕРА Асоцијација за здравствена едукација и истражување Скопје за отворање на дискусија поврзана со сериозен регрес во легислативата за образование во нашата држава, како и за барањето на ХЕМА-ОНКО Здружение на пациенти со рак и нивни негуватели за законски измени поврзани со тендерска постапка за набавка на лекови.

Macedonian