Одржан петтиот од серијата Отворени денови за иницијативи на граѓански организации на тема „Младински политики“ за 2019-та

Во согласност со определбата на Владата на Република Северна Македонија за овозможување директно учество на граѓанските организации во креирањето јавни политики за континуиран демократски и економски просперитет на државата, во Владата на Република Северна Македонија, на 27.06.2019 година се одржа петтиот од серијата Отворени денови за консултација со граѓанските организации за младинските политики.

На средбата се обратија министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование и наука Арбер Адеми, директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каески, директорот на Фонд за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски и посебниот советник за млади и спорт Ѓорѓи Тасев.

Претставниците на граѓанските организации се вклучија во дискусијата, образложувајќи ги своите иницијативи, кои се однесуваа на насоки за подобрување на средношколското и студентското демократско организирање, мерки за подобрување на нивниот стандард, предлози за подобрување на координацијата и дијалогот меѓу младинските организации и институциите. Присутните претставници на младинските граѓански организации ги отворија и темите за сеопфатното сексуално образование, подобрување на ситуацијата на младите малолетници кои употребуваат психотропни супстанци, како и подобрување на условите за еднаков и инклузивен пристап до образованието на сите заедници.

Повеќе информации за настанот можете да најдете на следниов линк.

Macedonian