Одржана конференција на тема „Граѓанските организации посилни со бизнисите и граѓаните”

На 31.5.2019 година, во рамките на проектот „Промени за одржливост”, финансиран од Европската Унија, а спроведен од Здружението Конект во партнерство со Фондацијата Аполонија и Центарот за даночна политика се одржа Конференција за меѓу-секторски партнерства насловена како „Граѓанските организации посилни со бизнисите и граѓаните”. 

На конференцијата учествуваа претставници на Одделението за соработка со невладини организации, повеќе од 100 претставници од граѓанските организации, институции и експерти од земјава и од Србија и Бугарија, при што беше заклучено дека колку е поголема поддршката на граѓанските организации од страна на бизнис заедницата и институциите, толку се поголеми можностите за подобрување на општеството во целина. Беа споделени и најдобрите практики и искуства за одржливоста и поддршката на граѓанскиот сектор од корпоративни и индивидуални донатори во Србија и Бугарија, како и домашните искуства и поуки на тоа поле.

Виктор Мирчевски, програмски раководител на Конект и координатор на проектот „Промени за одржливост” нагласи дека преку проектот се поддржани 16 граѓански организации со грантови од ЕУ и дека моделот се покажал како успешен, бидејќи сите грантисти успеале да добијат поддршка од 100.000 евра во парични и материјални средства од директни  донации од бизнисите, про-боно поддршка од општините, од граѓаните и од образовните институции.