Повик до граѓанските организации за придонес во работата на Главниот штаб за управување со кризи
Primary tabs
На 25. седница, одржана на 2.12.2020 година, Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, номинираше два претставници на здруженија и фондации за учество во работата на Главниот штаб за управување со кризи, без право на глас: Уранија Пировска, Хелсиншки комитет за човекови права Скопје и Зоран Дранговски, Македонско здружение на млади правници Скопје.
Врз основа на Одлуката на Владата на Република Северна Македонија бр.44-11138/1 од 20.11.2020 година за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест Ковид-19 предизвикана од вирусот САРС-КОВ-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението, Главниот штаб за управување со кризи е во постојано заседание.
Во насока на транспарентна работа и опфаќање на поголем број теми кои се од значење за пошироката јавност, Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор ги повикува граѓанските организации активно да придонесат во работата на Главниот штаб, и да доставуваат предлози на теми и актуелни прашања за разгледување на седниците на Главниот штаб на следните адреси: Uranija.pirovska@mhc.org.mk и zdrangovski@myla.org.mk.