Одржана 14. седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор

На 27 август 2019 година се одржа 14. седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор. Советот ги разгледа пристигнатите девет пријави по објавениот Јавен повик за избор на претставници од граѓанскиот сектор во работна група за изработка на предлог-план на мерки, активности и динамика за спроведување на процесот на проверка (ветинг) на вработените во Министерството за внатрешни работи, заедно со Табелата за извршена административна проверка на пријавите од страна на Одделението за соработка со невладини организации и одлучи за членови на работата група да ги номинира: Зоран Дранговски од Македонското здружение на млади правници, Слаѓана Тасева од Здружението Транспаренси Интернешнл Македонија и Сибел Амет од  Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Советот го разгледа Барањето за номинирање два членови на Советот во Комисијата за распределба на финансиски средства наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година и по обемна и конструктивна дискусија одлучи за членови во Комисијата во својство на набљудувачи, без право на глас, да ги номинирани членови на Советот: Јане Чаловски, Љупчо Петковски и Силвија Митевска.

Во однос на Поканата за учество на Конференција за промоција на Конвенцијата за прекршоци поврзани со културното наследство (од 24 до 26.10. 2019 година, во Кипар), доставена од Постојаната мисија на Република Северна Македонија преку Министерството за надворешни работи, Советот одлучи да ја номинира д-р Ана Ивановска Дескова од Асоцијацијата на архитекти на Македонија да учествува на Конференцијата.

Советот го одложи од разгледување за наредната седница на Предлог-деловникот за дополнување на Деловникот за работа на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, поради потребата да се прецизираат прашањата што ќе се разгледуваат на дописните седници на Советот.

Претседателката Фани Каранфилова-Пановска информираше за статусот на подготовка на Компаративната анализа за моделите на финансиска поддршка на граѓанските организации во земјите од Западен Балкан и ЕУ и Предлог-моделот за вклучување на граѓанските организации во процесот на преговори со Европската Унија.