Одржана 15. седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор

На 24 септември 2019 година во Клубот на органите на управата, се одржа 15. седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор. Јане Чаловски ги информираше присутните членови за работата на Комисијата за распределба на финансиски средства наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година и формирањето на Оперативно тело за евалуација на проектите од Огласот за финансиска поддршка на здруженија и фондации за 2019 истакнувајќи дека процесот бил професионален и транспарентен.

Претседателката на Советот, Фани Каранфилова-Пановска потсети на обврската за изработка на План за комуникација на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор и препорача членовите на Работната група до следната седница на Советот да предложат Нацрт-план за комуникација на Советот.

Уранија Пировска ги информираше присутните членови на Советот дека е одржан конструктивен состанок помеѓу главниот политички преговарач, главниот технички преговарач, претставници на Советот и претставници на Националната конвенција за Европска Унија на Република Северна Македонија во врска со Предлог-моделот за вклучување на граѓанските организации во процесот на преговори со Европската Унија истакнувајќи дека Предлог-моделот бил прифатлив за владините претставници, а Секретаријатот за европски прашања ќе организира консултативен процес со граѓанските организации.

Разгледувањето  на Предлог-деловникот за дополнување на Деловникот за работа на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор и приоритетните области за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, беа одложени за следната седница на Советот.