На 15 ноември 2024 година се одржа Националниот форум на Цивика мобилитас, организиран во соработка со Владата на Република Северна Македонија, како Годишна конференција на граѓанските организации за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. На форумот учествуваа повеќе од 200 претставници на граѓански организации. Поздравно обраќање имаше амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија, Н.Е. Вероник Улман, а главни говорници беа: Христијан Мицкоски, претседател на Владата, Александар Кржаловски, лидер на тимот на Цивика мобилитас и Игор Јанушев, генерален секретар на Владата. Претседателот на Владата ја потврди отвореноста на Владата заедно да работи со граѓанскиот сектор и да најде заеднички решенија на реални проблеми. Генералниот секретар на Владата истакна дека Владата ќе поддржи независен и професионален граѓански сектор како партнер во креирањето на политиките и ќе спроведе реформи за зајакнување на финансиската поддршка на граѓанските организации преку гарантен фонд за поддршка на организациите што се добитници на проекти од европски и други фондови. На третата тематска сесија, граѓанските организации дискутираат отворено со министрите за актуелни прашања и предизвици од областа на образованието, животната средина, локалната самоуправа, одржлив туризам со поддршка на граѓанските организации и дигитализација за општ развој на општеството.