На 2.10.2026 година, Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество ја одржа 15-та седница, со која претседаваше претседателката на Советот, Никица Кусиникова. На барање на предлагачот, разгледувањето на Анализата на иницијативи од граѓански сектор до Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија се одложи за наредната седница на Советот, поради потребата од дополнување на материјалот.
Советот ги разгледа пријавите пристигнати по Јавниот повик за избор на претставници на граѓански организации во Комитетот за следење на Инструментот за реформи и раст (објавен на 17.08.2026 год. на www.nvosorabotka.gov.mk) и одлучи да ги номинира следните претставници на граѓански организации: Марија Башеска, Здружение на граѓани Финанце Тхинк – Институт за економски истражувања и политики Скопје (област: Управување со јавни финансии); Ѓорѓи Хаџи Василев, Институт за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (област: Реформа на јавната администрација); Кире Милевски, Институт за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (област: Енергетска транзиција); Емилиа Ѓероска, Здружение на граѓани за унапредување на развојните процеси Про Локал-Битола (област: Човечки капитал); Санела Шкријељ, Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА Скопје (област: Човечки капитал); Никица Кусиникова, Здружение Конект Скопје (област: Развој на приватниот сектор/развој на бизнисот); Симонида Кацарска, Институт за европска политика Скопје (област: Основи и владеење на правото); Снежана Камиловска Трповска, Македонски центар за меѓународна соработка Скопје (МЦМС) (област: Основи и владеење на правото) и Дарко Аврамовски, Коалиција на здруженија на граѓани „Сите за правично судење“ Скопје (област: Основи и владеење на правото). Со цел пополнување на преостанатите места предвидени за претставници на граѓански организации во Комитетот, Советот повторно ќе објави Јавен повик за номинирање на 7 претставници на граѓански организации во Комитетот за следење на Инструментот за реформи и раст во следните приоритетни области: Управување со јавни финансии (1 претставник), Реформа на јавната администрација (1 претставник), Енергетска транзиција (1 претставник), Дигитализација (2 претставници) и Развој на приватниот сектор/развој на бизнисот (2 претставници).
Советот ја разгледа реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација на Предлог-законот за лобирање, одредбите од овој закон да не се применуваат на здруженијата и фондациите основани и регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации, кога тие, во рамките на своите статутарни цели и активности, искажуваат и промовираат ставови и мислења, поведуваат иницијативи, застапуваат интереси и права, учествуваат во јавниот дискурс, јавни консултации и во процесите на креирање, донесување, изменување, спроведување и евалуација на јавни политики и прописи. Советот оцени дека има потреба од дополнителни консултации со граѓанските организации и заклучи Предлог-законот за лобирање да се стави на дневен ред по завршување на консултативниот процес на ЕНЕР и пред негово доставување во владина постапка.
Советот се информираше со Иницијативата на Здружение „Ромски деловен информативен центар во Македонија“ - Национален механизам за развојни проекти 2026-2030, доставена на Повикот на Генералниот секретаријат на Владата до граѓанскиот сектор за придонес во подготвувањето на годишната Програма за работа на Владата за 2027 година.
Поради доцнење во спроведувањето на дел од мерките на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2025-2028, Советот препорача министерствата да ги интензивираат активностите за донесување на законите што се од значење за создавање на поволна средина за функционирање и развој на граѓанското општество (Министерство за правда – Закон за здруженија и фондации и Закон за донации и спонзорства во јавните дејности и Министерство за социјална политика, демографија и млади – Закон за социјални претпријатија).