Консултативен процес за изработка на Стратегија на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2025-2028

Приоритет на Владата на Република Северна Македонија во периодот 2024-2028 е поддршка на инклузивен, независен и професионален граѓански сектор, кој е партнер на институциите во креирањето и реализацијата на стратешките цели на државата. Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество е клучен документ кој ги содржи заложбите на Владата и органите на државната управа за унапредување на соработката со граѓанските организации и мерките за обезбедување поволна средина за развој на граѓанското општество.Со цел директно и суштинско учество на граѓанските организации во изготвувањето на новата Стратегија на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество сектор 2025-2028, Одделението за соработка со невладини организации отвара широк консултативен процес преку кој ги повикуваме сите заинтересирани граѓански организации активно да се вклучат со свои предлози за мерки и активности што сметаат дека треба да претставуваат дел од политиките на Владата за соработка со граѓанското општество во наредниот четиригодишен период, во согласност со Националната развојна стратегија 2024-2044.

Предлозите може да се однесуваат на продолжување со спроведување на мерките и активностите содржани во Акцискиот план 2022-2024 што се уште не се реализирани, делумно се реализирани или кои треба континуирано да се спроведуваат и во периодот 2025-2028 година или да претставуваат иницијатива за воведување нови мерки и активности, според приоритетните области:

  • Нормативна, институционална и финансиска рамка за развој на граѓанското општество
  • Демократизација, активно учество на граѓанскиот сектор во општествените процеси, во креирањето и следењето на политиките, со посебен фокус на процесот на интеграција во Европската Унија
  • Граѓанскиот сектор како чинител во социјално-економскиот развој

Граѓанските организации што ќе достават предлози може да учествуваат со свој претставник во работната група за изработка на Предлог-стратегијата.  Пополнетиот образец, со предлог мерки и активности и претставник за учество во работната група, потпишан од застапникот на организацијата и заверен со нејзиниот печат, го очекуваме најдоцна до 30 ноември 2024 година, по електронски пат на адреса: nvosorabotka@gs.gov.mk, со назнака: „Предлог за Стратегијата 2025-2028“.

Образец за пријава на предлог мерки и активности

Macedonian