Одржана 6.седница на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како дел од Националниот форум – Саем на граѓански организации
Primary tabs
На 26.11.2025 година се одржа 6. седница на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како дел од Националниот форум – Саем на граѓанските организации „Соработка на Владата и граѓанското општество“, во присуство на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев. „Еден од принципите врз основа на кои Владата работи на унапредување на соработката и односите со граѓанските организации е принципот на отвореност и транспарентност, како неопходни инструменти за градење еднаквост пред законот и одговорност на носителите на одлуки. Владата го покажа својот отворен и искрен пристап во вклучување на граѓанските организации во процесите на креирање на јавните политики, токму преку повторното воспоставување на независен, репрезентативен и ефективен Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, истакна Јанушев. Членовите на Советот дискутираа за актуелни прашања поврзани со овозможувачката околина за граѓанските организации (Законот за здруженија и фондации, државното финансирање на граѓанските организации, користењето на Единствениот национален електронски регистар на прописи ЕНЕР и др.). Исто така, беа номинирани и претставници на Советот во Работната група за измени и дополнување на Законот за здруженија и фондации, Никица Кусиникова од Здружение Конект (член) и Емилиа Ѓероска од Про Локал од Битола (заменик член).
Националниот форум - Саем на граѓански организации „Соработка на Владата и граѓанското општество“, се организира во соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Швајцарската програма за поддршка на граѓанското општество Цивика мобилитас, која ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
На свеченото отворање Претседателот на Владата Христијан Мицкоски ја пренесе визијата на Владата за граѓанскиот сектор како силен, независен, професионален и одржлив кој е вистински партнер во креирањето и реализацијата на државните политики. „Сектор кој ја засилува демократијата, ги штити правата на граѓаните, ја следи работата на институциите и помага да се затвори јазот меѓу институциите и народот“, додаде тој.
На настанот учествуваа 250 претставници на институциите и на граѓанските организации. Програмата вклучи дебати и дискусии на различни теми и тоа: образование и наука, социјална политика, демографија и млади, животна средина, здравство, дигитализација, добро владеење, локална самоуправа и овозможувачка околина, а во изложбениот дел се претставија 35 граѓански организации, најголем број од нив дигитално.
Линк до целосна вест за настанот https://civicamobilitas.mk/vesti-mk/gragjanskiot-sektor-pomaga-da-se-zat...
















