Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество бара Владата да го преиспита планирањето средства за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации во Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година
Primary tabs
Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество упати писмено барање до Владата на Република Северна Македонија во кое што се бара Владата да ја преиспита и промени својата одлука за планирањето средства за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации во Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година и во Предлог-Буџетот, во Раздел 040.01 - Влада на Република Северна Македонија, Потпрограма 10 - Администрација, ставка 463 – Трансфери до невладини организации, да предвиди 30.000.000 денари, наменети за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации.
Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како советодавно тело на Владата за унапредување на соработката, дијалогот и поттикнување на развојот на граѓанското општество, во изминативе три години значително придонесе кон зголемување на транспарентноста и објективноста при распределбата на средствата предвидени во Буџетот на Владата на Република Северна Македонија наменети за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации.
Средствата за кои се однесува оваа реакција се средства кои врз основа на Законот за здруженија и фондации се распределуваат на граѓански организации во согласност со Одлуката на Владата за критериумите и постапката за распределба на средства за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации од Буџетот на Република Северна Македонија („Службен весник на РСМ“ бр. 277/2019).
Овие средства веќе подолг временски период се предвидуваат во Раздел 04001 – Влада, меѓутоа со Предлог-Буџетот за 2022 година, од непознати причини, средствата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2022 година се испланирани во Раздел 04010-Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, во Потпрограма 11 со наслов „промоција на меѓуетнички односи“, што наведува само еден приоритет. Напоменуваме, дека секој орган на државната управа врз основа на програма може да распределува средства за прашања од сопствениот делокруг за работа (чл. 49 ст. 3 од Законот за здруженија и фондации), меѓутоа со оглед дека улогата на Владата е да ги идентификува приоритетите кои се од значење за финансирање за целокупното општество, неопходно е финансиските средства да бидат испланирани во Раздел 04001 – Влада.
Вакви сериозни, системски измени во распределбата на средствата наменети за граѓанските организации, без претходна консултација со Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, значат негирање на улогата на Советот и минимизирање на неговите досегашните напори за унапредување на системот на финансирање на граѓанските организации. Напоменуваме дека, Програмата за работа на Владата за периодот 2020-2024 предвиде сеопфатна реформа во системот на државно финансирање. Во таа насока во постапка е формирање на работна група за реформа на системот на државно финансирање на граѓанските организации. Оваа работна група треба врз основа на досегашните анализи и во транспарентен и инклузивен процес да предложи модел во кој ќе се врши распределбата на државните средства кон граѓанските организации. Сè додека не се усвои нов модел на државно финансирање сметаме дека не треба да има експериментални начини на финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите, нитупромени во однос на буџетските корисници кои располагаат со овие средства.
Земајќи предвид дека Предлог-Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година е веќе во собраниска процедура, бараме од предлагачот на Предлог-Буџетот за 2022 година, да ја земе предвид оваа реакција и да интервенира амандмански во Предлог-Буџетот за 2022 година со што ќе се овозможи континуитет на воспоставените практики, сè до утврдување на сеопфатна реформа во системот на државно финансирање на граѓанските организации.