Одржана 5. седница на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество

На 17.03.2022 се одржа петтата седница на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество. Советот ја разгледа Предлог-програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2022 година на Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, го поддржа отворениот пристап на ова министерство за соработка и вклучување на два члена на Советот во работната група за подготовка на Предлог-програмата, но заклучи да утврди мислење откако Владата ќе заземе конечен став по Предлог-програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2022 година на Генералниот секретаријат на Владата. За ова прашање, Советот одлучи повторно да достави барање до претседателот на Владата и да излезе со Соопштение и Прес-конференција во јавноста.

Советот одлучи да достави до Владата Информација за проблемот со реализацијата на мерките и активностите предвидени со Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во Република Северна Македонија за 2022 година што ги спроведуваат здруженија и одлуката на Министерството за здравство за кратење на буџетот за граѓанските организации за превенција од ХИВ за 40 %, а јавноста да ја информира за овој проблем со Соопштение.

Советот ги разгледа предлозите на проектот „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката околина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“ финансиран од Европската Унија за Комуникациска стратегија на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество 2022-2024 и План за комуникација на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество за 2022 година и одлучи материјалите повторно да се стават на дневен ред на наредната седница на Советот, откако ќе бидат преведени на македонски јазик, а членовите ќе достават свои конкретни забелешки и предлози.

Macedonian