Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија објавува Јавен повик Субвенционирање на вработување на невработени лица од ранливи категории на граѓани

Дали сте граѓанска организација која има потреба од финансиска поддршка за нови вработувања? Дали сакате да им помогнете на лицата од ранливи категории да се вклучат на пазарот на трудот? Ако одговорот е ДА, тогаш активната мерка 2.1 Субвенционирање на вработување - ИПА е мерка соодветна за Вас.

 Јавниот оглас за мерка 2.1 Субвенционирање на вработување - ИПА е објавен од страна на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија во рамки на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ финансиран од Европската Унија, а врз основа на Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023г .

 Огласот е наменет за работодавачи, односно граѓански организации, кои сакаат да вработат лица од ранливи категории на граѓани, кои се регистрирани како невработени лица активни баратели во АВРСМ.

Мерката предвидува да опфати невработени лица од евденцијата на АВРСМ, кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот: корисници на гарантирана минимална помош (ГМП), жени, млади до 29 години, Роми, лица со попреченост и долгорочно невработени лица.

 За вработување на едно лице од наведените категории на граѓани, работодавачот ќе биде финансиски поддржан од АВРСМ и ИПА проектот во износ од 19.000,00 денари месечно, за период од 6 месеци по вработено лице. Работодавачот односно граѓанската организација е должна да го задржи лицето во работен однос во вкупен период од 9 месеци.

 Граѓанските организации имаат олеснувања при користење на оваа мерка. 

Покрај општите критериуми за селекција кои треба да ги исполнуваат, ГО-и ги имаат следниве олеснувања:

·        Граѓанските организации кои во моментот на аплицирање немаат вработено лице имаат право на учество и максималниот број на поддржани вработувања во тој случај изнесува едно лице,

·        Лицата  на кои работниот однос (на определено или на неопределено време) им престанал една година пред вработување во активна мерка, истите може да бидат поддржани со повторно вработување со активна мерка кај работодавач кој е граѓанска организација.

 Огласот е отворен за пријави до 25.08.2023 за исполнување на предвидениот опфат на лица, односно до искористување на ИПА средствата наменети за оваа мерка. Подетални информации се достапни во огласот за мерката 2.1. Субвенционирање на вработување – ИПА, на веб страната на АВРСМ  https://av.gov.mk/oglasi-za-aktivni-merki.nspx

За сите дополнителни прашања обратете се во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Дополнителни информации можат да се добијат и од  ИПА канцеларијата на ipa@avrm.gov.mk.

 

Јавен повик до работодавачи за вклучување во мерката Субвенционирање на вработување

Јавен повик до невработените лица за вклучување во мерката Субвенционирање на вработување

 

 

Macedonian