Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Одржана 13. седница на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество

Одделение за соработка со невладините организации of the Republic of North Macedonia

На 16 јули (четврток) се одржа 13. седница на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, со која претседаваше претседателката на Советот, Никица Кусиникова. На седницата членовите разгледаа повеќе прашања од значење за унапредување на институционалната соработка и развојот на граѓанското општество.

На седницата беше разгледан и усвоен Годишниот план за комуникација на Советот за 2026 година, со кој се утврдуваат активностите насочени кон подобрување на транспарентноста, информирањето и комуникацијата со јавноста и граѓанските организации.

Членовите на Советот го разгледаа и усвоија Деловникот за дополнување на Деловникот за работа на Советот, со кој се уредува постапката во која Советот, на барање на Собранието на Република Северна Македонија, номинира членови од граѓанскиот сектор од областа на владеење на правото и правосудството во Комисијата за селекција на кандидати за членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија, односно во Комисијата за селекција на кандидати за членови на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија.

Советот се информираше со Шестмесечниот извештај за спроведување на Акцискиот план на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2025–2028 година. За активностите што доцнат со реализиација, Советот препорача во септември да се организираат состаноци со претставници на ресорните министерства.

Советот заклучи во втората половина од август на www.nvosorabotka.gov.mk да се објави Јавен повик за учество на претставници на граѓанските организации во Комитетот за следење на Инструментот за реформи и раст, со цел да се обезбеди транспарентно и инклузивно учество на граѓанското општество во следењето на Реформската агенда 2024-2027 и на активностите поддржани преку Инструментот за реформи и раст.

Советот констатира престанок на членувањето на членот и заменикот член на Советот од редот на граѓанските организации во областа Родова еднаквост, на лично барање, и го задолжи Одделението за соработка со невладини организаии да спроведе постапка за избор на нов член и заменик член во оваа област.

Советот се информираше со Концепт-документот „Национален фонд за јавен интерес, општествена солидарност и партнерство“, како иницијатива за започнување постапка за подготовка на системски закон и воспоставување нов модел на партнерство меѓу државата, бизнис-заедницата, граѓанското општество и граѓаните во Република Северна Македонија. Советот предложи материјалот да се дополни и предлагачот да го достави во вид на иницијатива на Повикот до граѓанскиот сектор за придонес во подготвувањето на Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за 2027 година, што ќе биде објавен на www.nvosorabotka.gov.mk во втората половина на август оваа година.

Мени за пристапност