На 16.6.2026 година, Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество ја одржа 12-та седница, со која претседаваше претседателката на Советот, Никица Кусиникова. На седницата се донесе Комуникациската стратегија на Советот за периодот 2026-2028, подготвена со поддршка на проектот „Техничка поддршка за унапредување на овозможувачката средина на граѓанските организации во Република Северна Македонија“, финансиран од Европската унија. Комуникациската стратегија ги дефинирани стратешките насоки, принципите и оперативните пристапи според кои Советот ќе ја спроведува својата комуникација во периодот 2026-2028 година. Стратегијата има за цел да се унапреди институционалниот и инклузивен дијалог помеѓу Владата и граѓанското општество за прашања релевантни за развојот на граѓанското општество во Република Северна Македонија, преку три специфични цели: Да се зајакне учеството на граѓанските организации и другите засегнати страни во процесите на консултации, следење, давање препораки за спроведувањето на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2025-2028 и другите јавни политики кои влијаат на граѓанското општество; Да се подобри видливоста и јавното препознавање на улогата, надлежностите и активностите на Советот меѓу граѓанското општество, институциите, медиумите и пошироката јавност; и Да се зајакне систематската комуникација на членовите на Советот со институциите или организациите што ги претставуваат за конструктивно, доследно и ефективно учество во работата на Советот. Оваа стратешка рамка понатаму ќе се операционализира преку годишни планови за комуникација.
На седницата Советот го разгледа и даде позитивно мислење на Нацрт-Извештајот за финанисирање на програмски активности на здруженија и фондации од буџетот на органите на државната управа и единците на локалната самоуправа во 2025 година, подготвен од Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот секретаријат на Владата. Според податоците обезбедени при подготовка на овој Извештај, за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации во 2025 година биле издвоени вкупно 1.790.490.576 денари финансиска поддршка за 3.514 проекти/програми, што претставува 0.49% од вкупните приходи планирани во Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година и 11.88% од вкупните остварени приходи на граѓанските организации во 2025 година. Од вкупно доделените средства, 75% се доделени од централниот буџет, како финансиска поддршка за 1.417 проекти/програми на здруженија и фондации, а 25% се доделени од буџетот на единиците на локална самоуправа, како финансиска поддршка за 2.097 проекти/програми на здруженија и фондации.
Советот ја поддржа реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација, Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, Платформата за родова еднаквост и Македонската платформа против сиромаштија на член 18 од Предлогот на закон за игрите на среќа и за забавните игри, во кој не се препознаваат граѓанските организации како корисници на средства од игрите на среќа за спроведување активности за поддршка на ранливи категории на граѓани и заклучи да упати писмена мислење до Министерството за финансии, Канцеларијата на претседателот на Владата и Комисијата за финасирање и буџет на Собранието на Република Северна Македонија.
На седницата Советот се информираше и за реакцијата на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата за заштита на демократското учество и граѓанскиот простор во процесот на измените на Законот за лобирање и оцени дека во новото законско решение треба да постои јасна разлика помеѓу комерцијалното лобирање за приватни интереси и легитимното граѓанско застапување за јавен интерес.